За Велики четврток

Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („…Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23).

„И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам…“, Јован 14, 13 – 14). Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на Црквата.

Денот започна со Христовите последни поуки за карактерот на љубовта што треба да ја стекнеме ако сме Негови, Неговото смирение; се памти миењето на нозете на апостолите што го направи Сам:

„Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13; 14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од бројот на Дванаесеттемина најблиски Христови ученици.

Вапцување на првите 3 јајца и моќта на првото

Првите три јајца се вапсуваат на Велики четврток пред изгрејсонце за да не ги види сонцето и затоа, според верувањата, не се расипуваат со години.

Старите адети кажуваат дека в зори на Величетврток треба да се вапса барем едно црвено јајце.

Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото за бериќет и за стоката.

За првото јајце се верува дека има магична моќ, па затоа неговото место е под иконата. Во народните преданија се вели дека со него се лекуваат одредени болести.

Сепак и во вапсувањето јајца, како и во сите други нешта што се работат, секогаш е најважна добрата мисла. Така, штом излезат првите сончеви зраци на Величетврток, домаќинката или кој било што ги вапсува јајцата ги буди најблиските и со првото јајце им поминува по лицата со зборовите: “црвено, бело, дебело“!

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Формата го претставува гробот на Христос, како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.

Advertisements

Денес е Цветници, празник на последното влегување на Исус во Ерусалим

Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот.

Неделата, една седмица пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал. Саботата пред Цветници се вика Лазарева Сабота или Лазарица, односно Лазара. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора, Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија за да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“.

Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре?

Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот, како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија, го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот, Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Евтим Спространов забележал дека во Охрид Лазара се празнувало Цветници, а во Струга во саботата. На Цветници пак, како и на Благовец, раздавале цвеќиња, особено зеленика и дафино, кои се чувале пред иконата како свети нешата.

Во петроградското списание „Живаја старина“ во 1889 година објавени се повеќе обичаи и песни од Галичник запишани од Панајот Ѓиноски меѓу кои и такви што се иведувале на Цветници. „Цветници ја наречуваме Цветоносна недела, т.е. неделата што е пред Велигден.

Утрината рано помладите невести ќе се променат во нова промена до тога необлечена, ќе си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело и дарпна врзана и заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна. Напред требит да се причестит дете 3-5 годишно, пак по него невестата. Ако немат свое дете куќно, ќе земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, така гледает. В црков раздавает цвеќа (над кое пејана молитва) на сите, зато се таја недеља наречуват цветна.“

И во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично.

Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело по цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко – Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше т’пан.“

Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот Кошкање на децата. Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете лазареви саботи, што значи деца до една година.

Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазаркките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати и за тоа време пееле:

Имаш мајка, имаш татко,
гајтане мој, гајтане мој,
од капата една пара,
гајтане мој, гајтане мој.
Ем с’с мајка, ем с’с татко
гајтане мој, гајтане мој.

Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.

Колку и да се врзани со настаните со Христово влегување во Ерусалим, обичаите и песните поврзани со празниците Лазарева сабота и Цветници се поврзани и со пролетта, со појавата на цвеќето, а посебно лазарските песни содржат пред сè семејни мотиви желби за напредок на поеднецот и семејството.

Утре е Прочка, замолете да ви простат

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница.

Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела.

Од Сирни поклади, односно од Прочка не се јадат и млечни производи со што започнуват големите, долги седум недели, Велигденски пости, што траат до Велигден.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.

Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.

Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид, во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн. Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода наезмо, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери,асамиот чин постење, односно гладување тримерење.

Во врска со овој празник се и карневалите што се одржуваат во Струмица и Прилеп. Празнувањата во Струмица се во врска со тримерските празнувања, кога се изведуваат богати обичаи за свршените.

Празникот Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани богати обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, а забавите, како што се оние околу огновите, гатањата за среќа, карневалите и сл. се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Денес е Крстовден ден пред Богојавление

Православните верници во јануари го прославуваат Богојавление како еден од 15-те најголеми христијански празници.

Според христијанската традиција, Христос кога наполнил 30 години, дошол на реката Јордан за да го покрсти Свети Јован.

Чувствувајќи дека пред него е Месијата, Свети Јован го дочека Исус со зборовите: „Ти мене треба да ме крстиш, а ти доаѓаш кај мене да те крстам“. Исус на тоа му одговори: „Остави го сега тоа, зошто треба да ја исполниме секоја правда“. После тие зборови Синот Божји влезе во Јордан. Тогаш над него се отворило небото и Светиот Дух слегол врз Исус во вид на гулаб. Истовремено се слушнал гласот Божји кој рекол: Ова е Синот мој љубем. Тој е според мојата волја“.

Така, пред крштевањето на Исус, Бог се јавил во три личности – Бог Татко кој говорел од небото, Бог Син кој се крстел во Јордан и Бог Светиот Дух кој се појавил во вид на гулаб, слегол од небото врз главата на Христа. Тој момент претставува објавување на Богочовекот и воведување на Исус во месијанска мисија. Настанот на објавувањето на Богочовекот, се наведува во светите книги и се нарекува Богојавление.

Исто така, Црквата ја востанови Светата тајна крштевање за секој човечко битие. Со крштевањето се станува член на Христовата црква и душата се чисти од секој грев. На Крстовден (воочи Богојавление), како и на самиот празник, по литургијата се осветуаат водите во храмот или во портата од храмот. Таа вода се носи дома. Се чува како чудотворна и света драгоценост. Никогаш не се расипува. Со неа се попрскува куќата заради осветување и заштита од демоните и останатите нечисти сили: Се пие во текот на целата година заради исцелување и заштита од сите болести, очистување од злите сили и поради простување на гревовите, чистење на душата и телото.

Богојавленската водичка некогаш ја пиеле трудниците за да се „отворат како небото на Богојавление“ и така полесно да се породат. Истата таа вода се истура во бунар за да се прочисити ако во неа падне некое животно. Во старите времиња осветената вода им се давала на болните кои не можеле да дојдат во црква на причесна.

Верниците на Богојавление се поздравуваат со зборовите „Христос се јави“, а се отпоздравуваат со „Вистина се јави“.

Некогаш се сметало дека погодини денови за венчавка почнуваат од Богојавление.

Од Божик до Богојавление се мрсни денови, се мрси и во среда и петок, но ден пред Богојавление, односно на Крстовден, се пости без разлика кој ден паѓа.

Деновите од Божик до Богојавление во народот се викаат „некрстени“ денови. Се верува дека во глуво доба од ноќта, рпед Богојавление, на момент се отвора небото, за да се вкрстат ветровите кои дуваат зиме со оние кои дуваат лете и дека целата вода станува света. Кој тогаш ќе се затекне на отворено и го види тоа, може од Бога да посака исполнување на една желба.

На Богојавление се фрла крст во река и момчињата се натпреваруваат кој прв до него ќе стигне.

Освен тоа, постои и верување дека немажените девојка, ако стават огледало под перница на 18 јануари вечерата ќе го сонуваат момчето за кое ќе се омажат.

Исто така во некои краеви се практиктикува обичајот младите девојки да месат по четири топчиња тесто. Во трите ставаат ливче со имиња на својот сакан, а едно го оставаат празно. Потоа топчињата ги ставаат во врела вода и кое прво ќе излезе на површината е љубовта на таа девојка. Ако излезе празната, тоа значи дека девојката се уште не го запознала својот суден.

Се верува дека во времето на Богојавление се претскажува какво време ќе биде во текот на целата година. Ако има силен мраз или паѓа снег, годината ќе биде родна. Ако биде ведро, годината ќе биде сушна. Ако 19. јануари биде врнежлив, цела година ќе има врнежи и поплави.

На овој ден се осветува водата која се верува дека е лековите и чудотворна и се нарекува богојавленска вода. Неа верниците ја носат дома и ги прскаат домовите и ја чуваат како лек во текот на целата година.

Денес е Св. Архангел Михаил

Архангел Михаил е водачот на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се појавувала Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата.

Според црковните преданија, ангелот Михаил првпат прв стапил во борба со злите духови и тоа во име на црковните толкувања означува оној кој е како Бог. На грчки јазик зборот архи значи главен, прв, а значи весник, ангел.

Прв меѓу ангелите Архангел Михаил на иконата се претставува како борец-војвода со меч или копје во раката, а народното верување смета дека тој доаѓа и ги зема човечките души кога ќе чукне часот.

Постојат многу народни верувања за овој ангел: велат дека тој ги посетува болните и ако застане кај нивните нозе-не е добро, а ако е кај главата – болниот ќе оздрави.

Се слави наесен, а по народното верување, тоа е затоа што кога светците си ги делеле улогите, Архангел Михаил добил есенско и зимско време-време на зимаи зимски тешкотии. Се вели дека во ова време Архангел талка по светот облечен во просјак да ги искара неверниците и да им помогне на оние кои се во неволја.

Едно народно верување вели дека според временските услови на овој ден може да се одреди каква ќе биде годината. Се вели: какво ќе биде времето на Аранѓеловден, такво ќе биде во текот на целата зима и пролет. Во некои краишта се слави и како празник на сточарите бидејќи се верува дека само тој може да ги истера волците.

Постои верување и обичај кај многу христијани кои го слават свети Михаил, бидејќи го сметаат за жив светител, да не подготвуваат пченица за славата, а тоа е неточно и неоправдано. Неопходно е да се подготви пченица за славата, бидејќи сите светители и сите мртви се живи пред Бога.

Дали Аранѓеловден ќе биде прославен со посна или мрсна трпеза зависи од тоа на кој ден се паѓа. Ако се падне во среда или петок, тогаш треба да биде посна, а пченицата е задолжителна.

Манастирот во Рајчица добива нов лик

Монахињите од Рајчица, заедно со голем број верници кои им помагаат, интензивно работата на уредување на манастирскиот комплекс. Изминативе денови би поставен и уреден целосно нов простор за пчелите што монахињите ги одгледуваат во манастирот.

Од Бигорската Обител велат дека Рајчица е во екот на интензивно градење, како резултат на зголемените потреби на сестринството во последните неколку години. За таа цел бил потребен подолг период на подготовки со купување на земјиште и создавање на услови за денешното проширување.

-Затоа радоста на сестринството е неизмерна, гледајќи како пред нивните очи манастирот постепено го преобразува и разубавува својот лик, и излегува од своите ѕидини во местото каде што веќе е во тек изградбата на новиот конак, за што најголема заслуга, покрај бројните дарители, има нашиот ктитор г – ѓа Елена Пандева, директор на модната куќа „Ел Креатив“ и на градежното претпријатие „Жикол“. Насекаде просторот се уредува и облагородува, па ете и пчеларникот доби свој нов простор на живописната висорамнина во непосредна близина на манастирот, велат од Бигорски.

Во изградбата и поставување на пчелникот на помош биле голем број верници од повеќе градови, без разлика на возраста активно работеле за завршување на просторот.

Бигорската Обител објави и фотографии од оваа работна акција.

Информацијата е преземена од интернет порталот http://www.religija.mk

 

 

Св. вмч. Димитриј Солунски – Митровден

Овој славен и чудотворен светител се роди во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители Димитриј беше син единец, заради што беше воспитан и однегуван со големо внимание. Татко му беше војвода солунски, па кога умре татко му го поставија Димитриј за војвода наместо неговиот татко. Кога го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорача да ги гони и истребува христијаните што беа во Солун. Но Димитриј не само што не го послуша царот туку напротив, јавно Го исповедаше и Го проповедаше Христа во градот Солун. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот сврати во Солун посебно за да ја испита оваа работа. Го повика, значи, војводата Димитриј и го испитуваше за верата. Димитриј јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрли Димитриј во затвор. Знаејќи што го чека, Димитриј му го врачи сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отиде во затворот весел, зашто му претстоеше страдање за Господа. Во затворот му се јави ангел Божји и му рече: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!“ По неколку дена царот испрати војници во затворот за да го убијат Димитриј. Војниците го најдоа Божјиот Светител на молитва и го избодија со копја. Неговото тело тајно го зедоа христијаните и чесно го погребаа. Од телото на Христовиот страдалник потече исцелително миро, со коешто мнозина болни се излечија. Наскоро над моштите беше подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонтиј, беше болен од неизлечлива болест. Им притекна на моштите на Св. Димитриј со молитва и стана наполно здрав. Од благодарност му подигна на Св. Димитриј црква многу поголема од старата. Светителот му се јави двапати. Кога царот Јулијан сакаше да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнаа пламени искри и се чу глас: „Застанете и не гибајте!“ И така моштите на Св. Димитриј останаа засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун Св. Димитриј се јавуваше многупати и многупати го спаси Солун од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година.

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…